Извештај во сенка за имплементација на Препораките на Советот на Европа

Продолжуваме заедно со МХЦ да го набљудуваме имплементирањето на Препораките на Советот на Европа за борба против дискриминацијата врз основ на сексуална ориентација и родов идентитет. Во соработка со ИЛГА Европа ќе изготвиме Извештај во сенка, кој ќе биде поднесен до Комитет на министри при Советот на Европа пред нивното разгледување на имплементацијата на Препораките во март 2013 година.

Бесплатна правна помош

Заедно со Правниот тим на МХЦ даваме бесплатна правна помош доколку нечии права се повредени, вклучувајќи и застапување пред Судот за човекови права во Стразбур.

Групи за поддршка

Работиме на заживување на Групи за поддршка, како дел од програмата за зајакнување на заедниците. Подетално за ова во делот Заедница.

Обука за трансродови прашања

Центарот, во соработка со ИЛГА Европа и TGEU досега има одржано неколку обуки за трансродови лица. На обуките исто така се посветува време и на медицински работници од различни профили кои имаат желба да научат повеќе за темата и да се сензибилизираат себеси во врска со работата со трансродови луѓе при пружање услуги од здравствена заштита.

Редовен обучувач на овие тренинзи е Кристиан Ранѓеловиќ, активист од Gayten LGBT од Белград и член на Одборот на Transgender Europe. Со него често доаѓаат и различни членови на медицинскиот тим за транс луѓе од Белград, кои ги пренесуваат своите искуства и позитивни практики на медицинските лица од Македонија. Сите присутни имаат можност да поставуваат прашања од различни аспекти и со тоа да го олеснат својот пат низ процесот на транзиција.

Во вечерните часови по обуките, лицата од групата имаат можност за социјализација, што е многу битен аспект кај оваа група на луѓе поради високиот степен на маргинализираност во нашето општество.

Психолошка поддршка на ЛГБТИ луѓето

Суштинската улога на ЛГБТИ Центарот е овозможување на услуги на ЛГБТИ луѓето до кои истите немаат пристап, или истиот им е отежнат во државните институции, поради што беше отворена и програмата за психолошка подршка во соработка со Гешталт институтот. Секој припадник на ЛГБТИ заедницата може да исконтактира со Центарот за да му биде овозможена бесплатна психолошка помош. Еднаш неделно, претставници од Гешталт институтот имаат редовни советодавни сесии, кои ќе продолжат и во случај на поголема потреба заради поголем број на заинтересирани, истите ќе се случуваат почесто.

Говорна историја на ЛГБТИ луѓето во Република Македонија

Овој проект само што започнавме да го реализираме. Истиот ќе го реализираме во соработка со другите организации кои се активни околу прашањата на ЛГБТИ луѓето во државава, како би имале целосен пристап до сите релевантни извори на информации и како би добиле што поцелосна слика за животот на ЛГБТИ луѓето во Републоика Македонија од ’50-тите години на минатиот век, па сé до денес.