Акронимот ЛГБТИ реферира на лезбеjската, геј, бисексуалната, трансродовата и интерсексуалната заедница. Се употребува од ’90-тите години како соодветна замена за ЛГБ (лезбијки, геј и бисексуалци) во кој не се опфатени трансродовите и интерсексуалните лица. Терминот ЛГБТИ се воведува поради потребата да се опфатат сите различни култури што се базираат на различност во сексуалната ориентација и родовиот идентитет.

Сексуалната ориентација се однесува на способноста на една личност за длабока емоционална, љубовна и сексуална привлечност, како и за интимни и сексуални односи со индивидуи од ист пол, од различен пол или повеќе од еден пол.

Родовиот идентитет се однесува на личното чувство и сопствената перцепција на родот, кое може, но и не мора да кореспондира со полот со кој личноста се здобива при раѓањето. Тука спаѓа и личното чувство за телото (кое може да подразбира промена на физичкиот изглед или телесните функции со помош на медицински, хирушки и други средства, доколку таа промена е по слободен избор), како и други изразувања на родот како облеката, говорот и карактерните црти.

ЛГБТИ АКТИВИЗАМ

Лезбијските, геј, бисексуалните, трансродните и интерсексуалните социјални движења делат слични цели за социјално прифаќање на сексуалните и родовите малцинства. ЛГБТИ лицата и нивните сојузници имаат долга историја нa борба за ЛГБТИ правата кои исто така се нарекуваат и геј права или геј и лезбијски права. Повеќе заедници имаат работено не само заедно, туку и независни едни од други во постигнувањето на своите цели како што сегеј ослободувањето, лезбијскиот феминизам, „квир“ движењето и трансродовиот активизам. Не постои организација која ги репрезентира сите ЛГБТИ лица и нивните интереси, иако постојаторганизации кои работат на исклучително голем број на прашања поврзани со ЛГБТИ заедницата. Заедничка цел на сите организации е социјална еднаквост на ЛГБТИ луѓето. Некои од нив се фокусираат на градење стабилни ЛГБТИ заедници или работат на ослободување на општествата од сексуална опресија. ЛГБТИ движењата коишто се организираат денес главно се фокусирани на политички и културен активизам, како што се: лобирање и улични маршови, социјални групи, групи за поддршка и организирање настани, списанија, филм и литература, академски истражувања па дури и бизнис активности.

ПОТЕКЛО НА ЛГБТИ ДВИЖЕЊЕТО

Иако Стоунволската побуна (Stonewall riots) во 1969 година во Њујорк популарно се смета за повод на новото движење, потеклото на движењето му претходи на овој настан.Давање отпор од страна на клиентелата во баровите наспроти полициските рациите започнал многу порано. Уште во 1725 година, посетителите на eден Лондонски моли хаус (‘molly houses’ се таверни или приватни соби кои потекнуваат од 18 век во коишто се среќавале хомосексуалци и крос дресери) се побуниле против честите полициските рации. Организирани движења (особено во Западна Европа) биле активни и во 19 век издавајќи публикации, формирајќи социјални групи и борејќи се за социјални и легални реформи. Движењата во периодот кој му претходи на Геј ослободувањето, од  крајот на Втората светска војна па сé до доцните ’60-ти, со едно име се познати како Хомофилното движење. Ова движење денес се смета  за „политички конзервативно“, иако барањата од тој период за социјално прифаќање на истополовата љубов и трансексуалноста биле оценети како радикални од страна на доминантната култура од тоа време.

Стоунволската побуна означува група на спонтани, насилни демонстрации од страна на геј заедницата против полициска рација која се случи на 28 јуни, 1969 година во „Стоунвол Ин“ (култен геј бар) лоциран во Гринвич Вилиџ, област во градот Њујорк. Во тоа време „Стоунвол Ин“ бил сопственост на таканаречената Американска Мафија, популарно место каде што се собирале најсиромашните и најмаргинализираните луѓе од геј заедницата: „драг квинс“, репрезенти на тогаш новата трансродова заедница, исфеминизирани млади мажи и млади бездомни луѓе. Полициските рации биле рутина во ’60-тите, но ноќта на 28 јуни полициските офицери изгубиле контрола над ситуацијата во „Стоунвол Ин“ и нападнале маса на луѓе која веднаш дала отпор. Тензиите помеѓу полициските офицери и геј резидентите на Гринвич Вилиџнаредната вечер еруптирале во протести коишто продолжиле и наредните неколку вечери. Во следните неколку недели жителите на Гринвич Вилиџ брзо се организирале во активистички групи со цел да се борат за етаблирање на места за гејови и лезбијки во кои тие ќе можат отворено да ја манифестираат својата сексуална ориентација, без страв дека за тоа ќе бидат уапсени. После Стоунволската побуна, гејовите и лезбијките во Њујорк се соочиле со родови, класни и генерациски бариери за создавање на цврста заедница. Во период од 6 месеци после тоа се формираат две геј активистички организации во Њујорк концентрирајќи се на развивање на конфронтирачки тактики и биле издадени 3 списанија за промовирање на правата на гејовите и лезбијките. Во период од неколку години после тоа се формираат и повеќе организации во САД и ширум светот кои работат во полето на геј правата. На 28 јуни, 1970 година се случуваат и првите маршови таканаречени „Паради на гордоста“ во Лос Ангелес, Чикаго и Њујорк во чест на годишнината на Стоунволската побуна. Слични маршови биле организирани и во други градови. „Парадите на гордоста“ денес се одржуваат низ целиот свет секоја година при крајот на јуни за да ја одбележат Стоунволската побуна.

ЛГБТИ АКТИВИЗАМ ВО МАКЕДОНИЈА

1996 година – Декриминализација на сексуален однос меѓу двајца мажи.

2002 година – Хелсиншки Комитет за човекови права на Република Македонија и Центарот за граѓански и човекови права го направија првото истражување во однос на ставовите на граѓаните кон ЛГБТ луѓето.

2003 година – Основање на здружението на граѓани за Еднаквост за Геј и Лезбијки - ЕГАЛ

2004 година – Основање на првата видлива ЛГБТ организација во Р.М. Македонска Асоцијација за Слободна Сексуална Ориентација – МАССО.

2005 година – Прв јавен „coming out“ на телевизија.

2005 година – Хелсиншки Комитет и МАССО, прво истражување за идентификување на ЛГБТ луѓето во Република Македонија.

2007 година - Основање на „Женска Алијанса“.

2008 година - Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ започна да ги штити правата на своите целни групи (ЛГБТ, лица кои живеат со ХИВ, корисници на дрога и сексуални работници). Формално се регистрирани во 2010.

2010 година – Основање на ЛГБТ програма во рамките на Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија

2012 година – Основање на ЛГБТИ Центар за поддршка

2012 година – Основање на Здружениe на Лезбејки, Геј, Бисексуалци/ки и Трансродни лица "ЛГБТ Јунајтед"

АКТИВИЗАМ ЗА ТРАНСРОДОВИТЕ ЛИЦА ВО МАКЕДОНИЈА

Движењето на трансродовите лица во Македонија започна на почетокот на 2012 година со обука и формирање на група за поддршка. Во месеците пред формирањето на групата, па сé до денес, некои од медиумите даваат свој придонес за зголемување на видливоста на транс луѓето преку објавување на статии и интервјуа со луѓе од заедницата.Законодавството во Република Македонија не содржи одредби за оваа група на луѓе, но со постоењето на неколку случаи кои активно ја водат процедурата, се работи на создавање на клима која ќе овозможи остварување на правата на оваа група на луѓе.Средбите на транс групата се одржуваа и ќе продолжат да се одржуваат во Центарот, кој нуди повеќе видови на поддршка за оваа група, а воедно прави и напори за создавање на македонски медицински тим со цел исполнување на потребите на транссексуалните лица.