Групата за поддршка на транс лицата е основана на почетокот на 2012, откако Хелсиншкиот Комитет организираше обука со Кристијан Ранѓеловиќ од Transgender Europe.

Мисија

Мисијата на групата за поддршка на трансродови лица е јакнење на транс заедницата за самозастапување и самоподдршка, менување на правниот и социјалниот статус на трансродовите лица, како и правно регулирање и овозможување на потребните правни и медицински услуги без дискриминација врз основа на родов идентитет.

Визија

Визијата на транс групата за поддршка е општество во кое родовиот идентитет на луѓето ќе се почитува и нема да претставува пречка за уживање на основните човекови права и слободи, а потребните правни и медицински услуги ќе се добиваат според индивидуалните потреби, без дискриминација. Тоа е општество во кое декларативните принципи за постигнување на највисоко можно лично ниво на здравје ќе се применуваат во практиката без дискриминација врз основа на родов идентитет.

Начин на работа на групата

Групата нуди повеќе различни видови на поддршка: Од непосредни дискусии и одговори на конкретни прашања, до психолошка поддршка, реферирање до здравствените работници, давање на линкови од други релевантни веб-сајтови, проекции на филмови и дискусии за книги во вид на едукативни работилници, други корисни публикации итн.

Средби и обуки

Меѓу првите одржани средби, некои од членовите одлучија самостојно да подготват мал практичен прирачник со важни информации за кои членовите на групата се изјаснија дека се потребни. Првата верзија од прирачникот беше распределена меѓу учесниците на средбите. Прирачникот се наоѓа во фаза на понатамошна изработка, се проширува паралелно со растот на можностите и капацитетите.

На крајот на 2012 беше одржана уште една обука со Кристијан Ранѓеловиќ и други членови на тимот за трансродови лица од Белград, чија цел беше јакнење на заедницата и создавање на медицински тим во Македонија, со цел да им се овозможи на транс луѓето од Македонија да го започнат медицинскиот процес без да има потреба да патуваат во странство. Тимот ќе продолжи да се состанува, да споделува материјали и искуства, со цел да се изгради една професионална и сензибилизирана екипа.

Извештајот од обуката на тема Трансродови лица одржана на 30.11 и 01.12.2012 можете да го преземете тука .

Извештајот од средбата на 09.02.2013 можете да го преземете тука .

Центарот ќе продолжи да ги организира овие групи за поддршка со цел давање поддршка на поединците во нивните случаи, а со тоа и потемелно навлегување во проблематиката и создавање услови за добивање на сите услуги кои транс луѓето треба да ги добијат како рамноправни граѓани.

Контакт

Доколку ви треба каква било поддршка на оваа тема, или доколку сакате да учествувате на состаноците на групата, контактирајте не’ на следниов мејл.