Делегацијата на Европската Унија во Македонија и Хелсиншкиот Комитет за човекови права одржаа настан по повод одбележувањето на Денот на човековите права, 10ти декември, во ЕУ Инфо Центарот во Скопје. Денот беше фокусиран на човековите права на ЛГБТИ луѓето во Македонија.

Панел дебатата со почеток во 11 часот ги собра на едно место Н. Е. Амбасадорот Аиво Орав, Шеф на делегацијата на ЕУ во Македонија, Уранија Пировска, Извршна директорка на Хелсиншкиот Комитет, Кочо Андоновски, Програмски директор на ЛГБТИ Центарот за поддршка, Душко Миновски, Претседател на Комисијата за заштита од дискриминација, Бен Бакс, Координатор на ЛГБТ програмата во Министерството за малцинства (Холандија) и Мајкл Барон, ко-основач и Извршен директор на BeLonG To (Ирска).

Гостите од Холандија и Ирска ги презентираа искуствата на своите држави во однос на правата на ЛГБТИ луѓето неколку децении наназад, давајќи позитивни примери од кои можат да се извлечат многу поуки. Беа едногласни со Евроамбасадорот дека човековите права на ЛГБТИ луѓето мора да се почитуваат и дека државата мора да ги заштити ЛГБТИ луѓето и активистите од насилство како и сите други граѓани.

Вториот дел од настанот се одржа во 19:30 часот, исто така во ЕУ Инфо Центарот, со проекција на српскиот филм „Парада“.