Фотографија од храбра жена, како се спротивставува на лидерот на екстремна десна политичка организација “English Defence League“, деновиве стана вирална заради пораката која во себе ја содржи: отпор.

Во врска со оваа ситуација, таа вели дека „воопшто не чувствувала страв“. 

Сафија Кан вели дека почувствувала потреба да истапи кога Иан Кросленд и 20-тина поддржувачи на оваа екстремно десна политичка организација, се приближиле заканувачки кон друга жена која носи хиџаб, а која претходно била во вербална конфронтација со нив. 

Сафија, која само ги набљудувала протестите на EDL, во Бирмингам, вели дека полицијата не направила ништо за да ја заштити претходно споменатата жена. 

Но кога и Сафија се вклучила во овој судир, групата се свртила кон неа и така во еден момент била ставена во костец со Кросленд, имено, токму тој момент е документиран со - веќе легендарната - фотографија. 

Таа е прикажана како стои, со една рака во џебот, мирно гледајќи го иритираниот Кросленд. 

Фотографијата е направена од фотографот Џо Гиденс и до денес е споделувана илјадници пати на сите социјални мрежи, дури и од страна на славни личности и политичари.

Сафија, за своето присуство за време на протестите, во тој момент, вели: „Бев таму бидејќи, и јас сум од ова место, и бидејќи ова се случува овде, почувствував дека е правилно да присуствувам. Јас не сум политички активист. Немав никаква конфронтирачка улога, и сакав да останам незабележана. Бев таму, со неколку пријатели, за да можеме да ги набљудуваме луѓето, бидејќи муслиманите и луѓето со различна боја на кожата се постојано вознемирувани. Всушност, ништо не се случуваше се' додека една жена со хиџаб не почна да извикува „расисти.“

Потоа продолжува Сафија, „во тој момент околу 20-25 поддржувачи на EDL истрчаа и ја заобиколија, а таа изгледаше преплашено. Се' уште не реагирав и чекав полицијата да го реши овој неред. Чекав околу 3 минути и полицијата не правеше ништо, па решив да тргнав и пробам да ја извлечам од таму. Се' се случи многу брзо. Таа замина, и така почнаа да ме идентификуваат како анти-фашистка. Групата потоа се насочи кон мене. Иан Кросленд почна да мафта со неговиот заканувачки прст кон мене, но јас само стоев таму. Не правев ништо, и тој не ме интересираше, немав никаква намера. Не можев ниту да го разберам што зборува. Но не бев воопшто исплашена. Останувам прилично мирна во вакви ситуации. Знаев дека се обидуваат да ме испровоцираат, па затоа се воздржував. И во тој момент бев од таму извлечена од страна на полицијата, но не бев уапсена или оптужена. Но ја изгубив својата анонимност заради фотографијата. Веројатно сега сум профилирана од нивна страна. Но не можев да претпоставам дека толку многу луѓе ќе ми дадат поддршка, и токму заради тоа - вредеше!“  

Извор: www.mirror.co.uk