По повод Меѓународниот ден на жената, Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ, изразува загриженост за лимитираниот пристап до здравстените услуги за женско и репродуктивно здравје за жените на целата територија на Македонија, како и за лимитираниот прогрес во справување со родовото базирано насилство.

Од Здружението напоменуваат дека жените се уште се соочуваат со бариери во пристапот до овие здравствени услуги на примарно ниво. Тие особено ги истакнуваат следниве проблеми како загрижувачки:

  • Во 35 општини во Р. Македонија нема матични гинеколози, а во 29 општини нема доволен број на матични гинеколози согласно на Уредбата за мрежата на здравствени установи на Владата на Р. Македонија.
  • Стапката на смртноста од карцином на грлото на матката кај жените бележи пораст, а во исто време Министерството за здравство го намалува планираниот опфат на жените со Програмата за скрининг на рак на грло на матката.
  • Жените не се соодветно опфатени со посетите од страна на патронажна сестра за време на бременоста и во периодот по породувањето.
  • Здружение ЕСЕ бара од државата да обезбеди соодветен пристап на жените до здравствените услуги за унапредување на репродуктивното здравје на целата територија на Р. Македонија, преку алокација на соодветни буџетски средства, доследна имплементација на постоечките политики, како и усвојување на нови политики.

„Здружение ЕСЕ бара од државата да обезбеди соодветен пристап на жените до здравствените услуги за унапредување на репродуктивното здравје на целата територија на Р. Македонија, преку алокација на соодветни буџетски средства, доследна имплементација на постоечките политики, како и усвојување на нови политики“, стои во нивната реакција по повод 8-ми март.

Во однос на родово базираното насилство, од ЕСЕ потенцираат дека жените жртви на насилство се соочуваат со недоволна и неефикасна правна и судска заштита, а посебно изразуваат загриженост за следниве проблеми:

  • Новиот Закон за превенција, спречување и заштита од семејно насилство не може да обезбеди ефикасна и доследна примена во пракса. Законски предвидените итни рокови за предлагање и изрекување на Привремени мерки за заштита од семејно насилство не се почитуваат од страна на надлежните институции како што се Центрите за социјална работа, полициските станици и граѓанските судови.
  • Се уште постои тренд на поблаго казнување на сторителите на семејно насилство за разлика од оние предвидени во Кривичниот законик.
  • Мал дел од поднесените кривични пријави за сторено семејно насилство се процесуираат. Според анализата од прибраните податоци од основните судови, една четвртина од поднесените кривични пријави уште во текот на обвинителската постапка се отфрлаат.
  • Жртвите на семејно насилство немаат пристап до ефективна правна помош. Државата не обезбедува ефективна правна помош за жртвите на семејно насилство, со оглед на фактот дека дури и во случаите во кои била одобрена бесплатната правна помош, државата не ги покрива трошоците за судски такси и судско вештачење.

„Од ЕСЕ бараат од државата да обезбеди доследна имплементација на Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство, како и обезбедување на достапна и сеопфатна бесплатна правна помош и застапување за жртвите на семејно насилство“, соопштуваат од здружението. 

Извор: www.radiomof.mk