Нашите активности и планови за застапување за правата на ЛГБТИ луѓето во Република Македонија се во координација пред се со нашата матична организација Хелсиншки Комитет за човекови права на Република Македонија, како и со ИЛГА Европа и останатите организации во државата кои се занимваат со овие прашања и други меѓународни организации и институции.

МЕСЕЧНИ, ПЕРИОДИЧНИ И ГОДИШНИ ИЗВЕШТАИ

Како дел од основните активности на Центарот се месечните, периодични и годишните извештаи за состојбата со човековите права на ЛГБТИ луѓето во државата. Извештаите се однесуваат како на правната рамка, владеењето на правото, социјалниот статус, така и на медиумскиот простор.

ЗАСТАПУВАЊЕ НА СТРАТЕШКИ СЛУЧАИ И БЕСПЛАТНА ПРАВНА ПОМОШ

ЛГБТИ Центарот за поддршка освен бесплатната правна помош, која ја нуди заедно со Хелсиншкиот Комитет за човекови права на Република Македонија, застапува и случаи кои се стратешки во однос на менување на општеството и системот кон постигнување на еднакви можности.

ИЗВЕШТАЈ ВО СЕНКА за имплементацијата на Препораките на Совет на Европа

Во Јануари 2013 беше завршен Извештајот во сенка за имплементацијата на препораката CM/Rec(2010)5 на Комитетот на Министри на Советот на Европа во соработка со Хелсиншкиот Комитет и ИЛГА Европа, а кој се однесува на мерките за борба против дискриминацијата врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет. Овој документ го сметаме за основен за развивањето на нашата стратегија за застапување.

ГРАДЕЊЕ НА МРЕЖИ

Центарот особено е посветен на градење на мрежи за соработка и меѓусебна поддршка со други ЛГБТИ организации и движења, како и со други организации и неформални групи со кои ги дели истите или слични вредности.

ПОЛИТИЧКИ СТРУКТУРИ

Од особен интерес ни се политичките структури, кои се носители на одлуки во развивањето на општеството. Во таа смисла ЛГБТИ Центарот за поддршка ги мониторира и известува за ставовите и политиките кои ги имаат различните полтички структури во однос на правниот и социјалниот статус на ЛГБТИ луѓето во Репоублика македонија.

Со оние политички структури, кои ќе покажат созреаност, интерес и заложби за унапредување на правата на ЛГБТИ луѓето Центарот ќе оствари поблиска соработка, како и зајакнување на нивните капацитети и запознаеност со ЛГБТИ прашањата.