Сексуалната ориентација како основа за дискриминација е опфатена само во работните односи, здравствената заштита и образованието, само во Законот за високо образование:

1.Закон за јавно здравје (Службен весник на РМ, бр. 22 од 15 февруари 2010) во делот на активностите на Институтот за јавно здравје и центрите, член 16;

2.Закон за високо образование (Службен весник на РМ, бр. 35 од 14 март 2008) во делот за процедурите и условите за запишување на студии, член 108

3.Закон за заштита на правата на пациентите (Службен весник на РМ, бр. 82 од 8 јули 2008) во делот на правата на пациентите, член 5;

4.Закон за семејство (Службен весник на РМ, бр. 157/08 од 12 декември 2008), во делот за жртви на трговија со луѓе и нивните семејства, член 177-1;

5.Закон за основање на Национална Агенција за европски образовни програми и мобилност (Службен весник на РМ, бр 133 од 20 септември 2008) во делот за програмата Млади во акција, членови 7 и 8;

6.Закон за работни односи (Службен весник на РМ, бр. 158 од 9 декември 2010), членот 6 забранува дискриминација врз основа на сексуална „наклонетост“, што може да се смета за дискриминаторска терминологија која се однесува само на сексуалниот чин, а не на сите аспекти на сексуалната ориентација (емоционални, романтични, духовни итн.).

Законот за спречување и заштита од дискриминација (Службен весник на РМ, бр. 50 од 13 април 2010), кој влезе во сила на први јануари 2010, се однесува на вработувањето, социјалното осигурување и здравствената заштита, образованието, пристап до стоки и услуги, како и домување.Дискриминацијата врз основа на сексуална ориентација не беше вклучена.Иако Комисијата за заштита од дискриминација, во периодот 2011-2012 постапуваше и даде мислење за 8 претставки за дискриминација врз основа на сексуална ориентација, во согласност со Членот 14 и Протоколот 12, сепак постои потреба од Закон за спречување и заштита од дискриминација во кој експлицитно ќе биве внесена сексуалната ориентација како основа за дискриминација.

Родовиот идентитет како основа за дискриминација не е вклучен во Законот за спречување и заштита од дискриминација, ниту во некој друг закон; Законот за спречување и заштита од дискриминација штити од дискриминација на основи одредени како дискриминаторски со ратификувани меѓународни договори.Оттука, според член 2 став 2 од Меѓународниот договор за економски, социјални и културни права, родовиот идентитет се смета за основа за дискриминација и ги опфаќа трансродовите, транссексуалните и интерсексуалните лица, па според ова, Законот опфаќа дискриминација врз основа на родов идентитет.

Не постои сеопфатна или каква било стратегија за справување со дискриминацијата, стереотипите и предрасудите за сексуалната ориентација или родовиот идентитет.Токму напротив, државните власти со нивните јавни говори ги зајакнуваат предрасудите и стереотипите кон ЛГБТ луѓето.