ЗАКОНСКА РЕГУЛАТИВА

Македонското законодавство не содржи одредби за транс* луѓето. Промена на податоците е возможна, но условите не се никаде одредени и се дејствува арбитрарно. Сепак, Законот за лично име дозволува промена на името и не содржи никакви одредби во однос на полот на лицето кое го менува името.

ПРАВНА ЗАШТИТА

Со оглед на непостоењето на закони за заштита на правата на транс луѓето, често се случува институциите да постапат единствено според некоја воспоставена практика. Тука често се прекршуваат правата на транс луѓето. Лицата на кои им се повредени правата можат да се обратат во Центарот со цел да добијат совети и помош при понатамошните чекори во постапката.

ЗДРАВСТВЕНА ЗАШТИТА

Во РМ не постои утврдена постапка за медицинска транзиција на транс луѓето кон нивниот посакуван пол, а бројот на здравствени работници кои се сензибилизирани да работат со транс луѓе засега е многу мал. Центарот работи на создавање на сензибилизиран медицински тим со цел транс луѓето да не мораат да патуваат надвор од државата за основни медицински прегледи или добивање документ за започнување со хормонска терапија. Засега, со здравственото осигурување, се достапни следниве услуги:

- Ултразвучни тестови

- Хормонски тестови

- Крвна слика

- Кариотип (генетско тестирање пред започнување со терапија)

Од наведените тестирања, ултразвучните и хормонските тестови се рутински проверки кои треба да се вршат барем два пати годишно по започнувањето со хормонска терпија. Фазата за потврда на соодветноста на процесот и започнувањето со хормонска терапија во РМ сé уште не е воспоставена, ќе се добијат дополнителни информации со понатамошното испитување на системот и постапките.

Ризици и превенција

Сепак, изведувањето на почетните фази во државава е технички возможно, така што ги советуваме транс лицата да не преземаат чекори кон самостојно започнување со хормонска терапија, без одобрување од лекар, од причина што тоа може да има сериозни последици по нивното здравје, доколку процесот не е правилно надгледуван. Медицинскиот тим кој се создава во овој период ќе биде задолжен за оваа фаза од транзицијата, така што на транс лицата ќе им биде овозможено добивање на потребните услуги.

Воедно, важно е да се напомене дека некои од хируршките интервенции што се вршат кај транс лицата имаат исти имиња како некои од интервенциите што се вршат на некои клиники во државава, но одговорно тврдиме дека се работи за сосема различен начин на изведување на интервенциите, така што во никој случај не советуваме самостојна акција во правец на добивање на овие здравствени услуги.

__________________________________

* Терминот транс ги опфаќа трансродовите лица, транссексуалците, крос-дресерите и сите други кои на некој начин отстапуваат од воспоставените норми во општеството. Кога зборуваме за медицинска транзиција од еден во друг пол, мислиме на транссексуални лица.